Назад

Техника за поефикасно учење

Техника за поефикасно учење

септ 2025.



Во минатиот блог пишувавме како да останеш мотивиран за време на учењето. Оваа техника целосно ќе ти ја промени стратегијата на учење и ќе те натера да бидеш продуктивен и организиран – а толку е едноставно!

Колку пати гледаш на часовникот додека учиш? Планираш во колку часот ќе започнеш со учење, кој предмет ќе го започнеш прв и кога ќе завршиш, но забораваш на малите паузи кои всушност се најголемите крадци на времето. Го бркаш времето, а на крај времето ти е најголемиот непријател.

Овој метод ќе те натера да ги поделиш задачите на помали делови, ќе имаш попрецизен увид во тоа колку време ти е потребно и ќе ти помогне да се ослободиш од сè што ти ја нарушува концентрацијата.

Доколку ти е тешко да се концентрираш подолго време (x часа) и често правиш паузи, ова е идеална техника за тебе.

Овој систем на учење го осмислил Франческо Чирило во Италија кон крајот на 1980-тите. Користел кујнски тајмер во форма на домат (помодоро на италијански значи домат) и утврдил дека може подобро да се концентрира ако учи во кратки интервали.

Помодоро техника

Еве како да ја примениш техниката Помодоро:

  1. Одлучи се за задача на која ќе работиш
  2. Постави тајмер на 25 минути
  3. Работи на задачата
  4. Престани со работа кога ќе заѕвони тајмерот
  5. Направи пауза од 3 до 5 минути, а потоа повтори ги чекорите
  6. По четири циклуси (помодора), направи пауза од 15 до 30 минути

Фокусирај се на задачата што во моментот ја работиш како да немаш ништо друго освен тоа.
За време на тие 25 минути ослободи се од сè што те одвлекува.

Иако ти треба уште неколку минути за да го завршиш започнатото, направи пауза кога ќе заѕвони тајмерот. Токму таа кратка пауза ќе ти овозможи да ја одржиш концентрацијата.

За време на паузата можеш да се опуштиш со социјални мрежи или игра, но не заборавај и тогаш да го наместиш тајмерот, бидејќи лесно може да се случи паузата од 5 минути да се продолжи на 15.

Ќе ти треба малку време да се навикнеш на овој систем и да „влезеш во шема“, но ваквото систематизирање на времето ќе те натера да бидеш поефикасен и во еден интервал да завршиш ЕДЕН планиран дел.

За уште подобра организација можеш да направиш табела со сè што треба да завршиш и да процениш колку помодора (интервали од 25 минути) ти се потребни за целосно да ја завршиш обврската.

И ние ја испробавме оваа техника и навистина функционира, ви препорачуваме и вие да ја пробате и потоа задолжително да ни ги јавите вашите впечатоци!

Сподели на мрежи