
Помодоро техника – Како да совладаш било која лекција за само 25 минути
окт 2025.
Pomodoro техника – Како да совладаш било која лекција за само 25 минути
Испитните рокови, тестовите и испитувањата знаат да бидат многу стресни, особено ако ти треба повеќе време и простор за да се сконцентрираш на книгата од која учиш. По соочувањето со овој проблем, сигурно имало безброј начини да најдеш решение за да го надминеш. Постојат голем број техники засновани на научни истражувања кои ќе ти помогнат при фокусот и концентрацијата.
Како и поголемиот дел студенти кои ја истражувале оваа тема, пробав неколку техники за зголемување на продуктивноста и онаа која беше најуспешна беше помодоро техниката.
Поради своите успеси и резултати постигнати со помош на оваа техника, решив во овој блог да споделам сè што знам за помодоро техниката и да ти помогнам да ја искористиш на најефикасен начин.
Што е помодоро техника?
Иако најмногу се користи при учење, помодоро техниката всушност е метод за управување со времето. Додека го одбројуваш времето до испит или контролна задача, ти се чини како времето да работи против тебе. Токму тоа е идејата на помодоро техниката – да го искористиш времето за да работи за тебе, а не против.
Техниката ја осмислил студентот Франческо Цирило во 1980-тите години. Франческо се мачеше да го задржи фокусот за време на учењето па реши да посвети 10 минути максимален фокус на својата задача. На масата во кујната најде кујнски тајмер во облик на домат (итал. pomodoro), по што симболично и го доби името техниката. Кога по 10 минути виде дека учењето било ефикасно, се одмори и проба повторно. Почна да ја применува помодоро техниката секој нареден пат, што му помогна успешно да полага испити. По факултетот напиша книга за оваа метода и ја објасни главната доблест на техниката – едноставноста.
Техниката ја применуваш така што:
· Подготвуваш список на задачи и штоперица
· Поставуваш штоперица на 25 минути и се фокусираш на една задача, лекција или пасус со максимална концентрација
· Кога ќе заѕвони штоперицата, го бележиш својот учинок и ја означуваш завршената фаза
· Уживаш и одморуваш 5 минути
· По 4 завршени фази, земаш подолг одмор од 15–30 минути
Ќе направиш времето да работи за тебе така што ќе имаш чувство на итност кога знаеш дека имаш 25 минути да ја завршиш задачата. Од друга страна, ако размислуваш за целиот ден што е пред тебе и за неограниченото време за учење, задачата ќе ја одолжуваш и на крајот од денот таа задача нема ни да биде завршена.
Ова е сржта на помодоро техниката, но позадината на примена има 3 главни задачи:
- Разбивање на комплексни задачи: Ако задачата бара повеќе од 4 фази, потребно е да ја поделиш на пократки чекори. Држи се до планот за да осигуриш напредок.
- Малите задачи одат заедно: Ако задачата бара една фаза, поврзи ја со повеќе мали задачи за да создадеш целина.
- Штом ќе ја поставиш штоперицата, таа мора да заѕвони: Една фаза е неделива единица на време и не смее да се прекинува, особено не за пораки, мејлови или социјални мрежи.
Кога е најдобро да ја користиш помодоро техниката?
· Ако ситници ти го одвлекуваат вниманието од важни задачи
· Ако работиш постојано и после оптималната точка на продуктивност
· Ако имаш многу задачи кои можат да одземат неограничено време (учење, истражување…)
· Ако не си реален кон себе за дневниот учинок
· Ако работиш на големи задачи што бараат поделба на помали
Совети при користење на помодоро техниката
– Испланирај ги фазите на почетокот на денот
– Експериментирај со должината на фазите (25 минути не се секогаш оптимални, истражувања покажуваат 52/17)
– Одмори без екран – одмори очи, прошетај, протегни се
Резултати
Помодоро техниката е една од најдобрите методи што ги користев за време на студиите и ми помогна поуспешно и со помалку стрес да ги завршам обврските. Како што ја користев, резултатите беа сè подобри.
Помодоро техниката, како и секое друго знаење и вештина, е работа на вежба и практика. Почнав да ја користам бидејќи постојано бев под притисок од времето и стресот. Денес на секој проблем му пристапувам така што го делам на помали целини и решавам една по една.
Мој совет е да ја пробаш помодоро техниката и да ги видиш резултатите. Можеби ќе ти треба малку време за навика, но со постојана пракса и посветеност, многу брзо можеш да постигнеш резултати.
Дали користиш некоја техника што ти помага при учење? Испробај ја помодоро и сподели го твоето искуство!